Една пресуда повторно го стави македонското судство на нишан на јавноста. Условната казна за обвинет во случај за сообраќајка во која загина 32-годишен маж, а бремена жена заврши со тешки повреди и го загуби плодот, покрена лавина негативни реакции и сомнежи.
„Без да ја коментирам пресудата, за да нема мешање на извршната во судската власт, можам да кажам дека тоа што граѓаните се сомневаат во дел од пресудите е најсилниот мотив за прочистување на судството кое ќе биде спроведено во нашиот мандат, заедно со иницијатива за проверка на случаите каде има непостапување или лошо постапување на надлежните. Само така може да се врати довербата во судството и правниот систем“, истакнал министерот за правда, Бојан Маричиќ за „360 степени“.
Министерот ја поздравил и најавата од првиот човек на Кривичниот суд – Скопје, Иван Џолев, дека ќе го коментира случајот в понеделник. Маричиќ вели дека е добро што судството ги слуша критиките.
„Добро е што самото судство покажува интерес да ги решава прашањата за кои јавноста ги прозива и тоа што претседателот на Кривичниот суд најавил коментар во однос на целиот настан, а повисоките судови ќе имаат можност да се произнесат во натамошната постапка. Судскиот совет, пак, ја има задачата да ја следи и оценува работата на секој судија“, посочил Маричиќ.
Овој случај, според најавите, набргу ќе се најде токму пред Судскиот совет. Пресудата беше донесена вчера во скопскиот кривичен суд, а Наташа Димитриевска, жената која го загуби сопругот и плодот во неа во сообраќајката, во разговор со нашата редакција најави дека ќе поднесе претставка до ова тело за работата на судијката Елена Илиевска Јосифовиќ која го водеше предметот.
Висината на казната, но и тоа што судијката не им дозволила на оштетените да присуствуваат на делот од рочиштетот кога обвинетиот признал вина, се аргументите со кои таа ќе настапи пред Судскиот совет. Правна битка ќе бие и пред Советот на јавни обвинители, каде ќе се жали и за работата на предметниот обвинител.
Додека семејството јавно го искажува револтот од исходот на судскиот процес пред првостепениот суд, и од Кривичен и од обвинителството во Скопје засега се воздржани во коментарите.
Со пресудата, на условна казна од две години беше осуден бизнисменот Васил Чорбаџиев, кој призна вина. Тој беше обвинет дека со џип, поминувајќи преку двојна полна лента на булеварот „Теодосиј Гологанов” кај Млечниот ресторан во Скопје, удрил во моторот на кој се возеле Наташа Димитриевска и нејзиниот сопруг Гоце.