Советникот за евроатлански интеграции во кабинетот на Зоран Заев, Бојан Маричиќ во гостување на Телма истакна дека успех е за две години од заробена држава да се вратиме на маса каде се носи одлука за преговори со ЕУ.
-Треба малку да погледнеме од кај сме тргнале и до каде сме стигнале. Во 2017-та имавме ситуација на комплетна безизлезност во европските интеграции, имавме 2 години по ред замрзната препорака за почеток на преговори и одредница за заробена држава. Тоа е почетна точка од 2017 на оваа Влада. Скокот од заробена држава, две години подоцна да се вратиме на масата на најкрупните одлучувачи да носат одлука за преговори, ќе признаеме дека е успех, и дека е придвижување напред. Со сите проблеми и со сите прашања ние добивме крајно позитивен извештај што е најпозитивен досега, затоа што имавме тешки реформи во државата имаме големи придвижувања по одредени прашања, имаме „трек“ рекорд на судски случаи и случаи на антикорупциска комисија што претходно со години било невозможно. Ние имавме десет години на застој и две години на интезивни реформи. Ние да сме биле во ситуација да почнеме со Србија и Црна Гора, можеби денеска ќе сме биле многу понапред, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека во јуни 2018-та земјава има заклучоци на Европскиот совет, имаме 4 области кои ни се дадени како задачи, и во сите имаме јасен напредок.
– Ние редовно комуницираме со сите држави членки, се е изнесено на маса што е изработено и за се имаме признание, вели Маричиќ на прашањето како Заев може на Макрон да му го смени мислењето за почеток на преговори со РСМ.