„Навистина сум задоволен што двете пошти за краток период покажаа сериозен напредок и стигнаа до потпишување на Меморандум за поштенска соработка. Очекувам имплементација на заеднички проекти и користење на претпристапните фондови на ЕУ“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ за Нова ТВ.
Тој додаде дека вистинско олеснување за граѓаните е тоа што ќе се намали времето потребно за една пратка да стигне од земјава во Бугарија.
„Двете пошти работат на решение пратките да се упатуваат директно кон Бугарија, а не преку Белград како што е до сега, со децении. Во 21 век, во дигитализиран начин на комуникација, навистина нема ниту една причина една пратка од Скопје до Софија да патува преку Белград“ рече Маричиќ.
Тој додаде дека се работи на обезбедување на непречен проток на стоки, услуги, добра и луѓе преку продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Write to Jordancho Minevski и Ivana Velickovska-Gjoshevska