Министерот за правда Бојан Мариќиќ во вечерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ2 зборуваше за правдата, односно дали е можно истата да се поправи во овој мандат на Владата.
Маричиќ, како што вели, е убеден дека ќе успее во тоа, и истакна дека знае што е потребно.
„Јас сум убеден дека ќе успеам, така ја разбирам мојата мисија. Првите три години беа повеќе да се воспостави некоја законска рамка, да се даде шанса на судиите и обвинителите да се види колку ќе ја направат правдата видилива. Има судии кои добро и професионално си ја вршат работата, но има и судии кои дефинитивно не припаѓаат во судството.“, рече Маричиќ.
Тој додаде дека се потребни неколку чекори во овој мандат.
„Прво е целосно расчистување на случаите од СЈО, но во меѓувреме и случаи кои беа отворени, или ќе бидат отворени. Второ застарувањата, неажурноста или политичкото влијание да биде разоктриено и тргнато од судството колку што е можно подолго, но и трајно. И конечно, ажурно постапување и одговорање на потребите на граѓаните“, истакна министерот.
Маричиќ истакна дека министерството знае со каква ситуација е судството, и јасно искажа што треба да се направи во следната 2021 година.
„Ние во министерството за правда се соочуваме со секакви жалби на граѓаните од судовите. Сите тие ги праќаме во надлежните органи, и имаме јасна слика каква е состојбата. Она што треба да го направиме е да направиме една јасна методологија, и во однос на таа методолигија во текот на 2021 година да се направи филтрирање кои ќе ги извади на површина проблематичните судови и судии и проблематичните обвинителства и обвинители“, рече Маричиќ.