Некои од помилуваните ексфункционери кои се обвинети во случаите на специјалното јавно обвинителство повторно бараат спас во одлуките за помилување дадени од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, дознава „Макфакс“. Обвинетите преку адвокатскиот тим поднеле приговори до судот, во кои наведуваат дека сè уште е во сила одлуката на Иванов за помилување бидејќи сметаат дека поништувањето на аболициите не може да важи ретроактивно. Од СЈО не коментираат до започнување на судските процеси.
Иванов на 12 април 2016 објави дека донел одлука да помилува 56 лица од истраги и кривично гонење. На 19 мај Собранието му овозможи на шефот на државата да ја поништи аболицијата со измените на Законот за помилувањето, кој пропишува дека Иванов може да ја поништи аболицијата во рок од еден месец.
Меѓу обвинетите од СЈО се поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој од Иванов беше помилуван 16 пати. Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, од Иванов доби 11 помилувања. Никола Груевски од Иванов беше помилуван 5 пати за 5 дела, Сашо Мијалков 6 пати.