Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.
Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.
Купер посочи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот.
На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот.
На церемонијата присуствуваше и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од американската амбасада во Скопје.