Македонските работници утре на улица – ќе штрајкуваат за повисоки плати

Сојузот на синдикатите на Македонија го крева притисокот врз Владата и работодавачите со повик за масовен протест в сабота, 14 март, откако синдикалното раководство оцени дека законското усогласување на минималната плата не одговара на реалниот раст на трошоците за живот. Од ССМ порачуваат дека работниците повторно се туркаат под прагот на сиромаштија, додека државата нуди покачување кое, според нив, е веќе „изедено“ од поскапувањата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска повика на масовно излегување на улица со образложение дека барањето за дополнително зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано. Синдикатот тврди дека околу 160.000 работници земаат плата под прагот на сиромаштија, односно под 31.200 денари, и дека токму затоа протестот треба да биде порака дека трпението кај вработените е при крај.

Зад синдикалниот повик стои и пресметката за синдикалната минимална кошница, која за февруари достигна 67.382 денари, што е за 969 денари повеќе од претходниот месец. Во споредба со февруари лани, кошницата е повисока за 3.609 денари, а според синдикалната аргументација тоа покажува дека секое козметичко покачување на минималецот веќе не може да го следи темпото на инфлацијата и на секојдневните трошоци на едно четиричлено семејство.

На другата страна, Владата останува на ставот дека минималната плата законски ќе се зголеми за 1.667 денари и од март ќе достигне 26.046 денари во нето-износ, исплата што работниците треба да ја добијат во април. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши тврди дека ова е законско усогласување предвидено со постојниот модел и дека со него се согласиле другите присутни синдикати, но не и ССМ, чии претставници ја напуштија седницата на Економско-социјалниот совет.

Токму тука е суштината на новиот судир. За Владата, станува збор за примена на законски механизам и за нова потрошувачка кошница што треба да ја покаже „реалната“ слика. За ССМ, пак, институциите повторно се обидуваат административно да го амортизираат ударот врз стандардот, наместо политички да признаат дека минималната плата одамна не ја покрива ниту основната егзистенција. Оттука и најавата дека на протестот не се повикува само класичната синдикална база, туку и вработени во јавниот сектор, текстилната индустрија, МВР, Армијата, младите и пензионерите.

Протестот што го најавува ССМ доаѓа во момент кога дебатата за платите веќе не е само економско, туку и политичко прашање. Колку повеќе расте разликата меѓу минималната плата и синдикалната кошница, толку повеќе расте и ризикот работничкото незадоволство да се претвори во поширок социјален фронт. Затоа утрешното излегување на улица нема да биде само барање за повисок минималец, туку и тест колку организираниот труд во Македонија сè уште има сила да ја помести владината математика.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e