Ви пренесуваме дел од истражувањето на ПРИЗМА.
-Билката со спорна репутација, канабис, којашто претходната Влада со закон дозволи да се одгледува во Македонија уште пред две години, се сади на површина од околу 140 илјади квадрати. Тоа значи дека канабис во земјава ќе се одгледува на површина колку 20 фудбалски игралишта, но досега само помал дел од неа е посадена.
Меѓутоа, иако се чини дека Македонија навреме и добро се позиционираше во трката за овој силно перспективен пазар, сепак, две години откако е легализирано производството на канабис за медицинска употреба, ниту една од шесте компании кои досега имаат добиено одобрение од Министерството за здравство, нема производство на масло од оваа билка.
Канабис во земјава ќе се одгледува на површина колку 20 фудбалски игралишта, но досега е посаден само мал дел.
Имајќи предвид дека продажбите нa медицински канабис во глобални рамки надминуваат седум милијарди евра, а се проценува дека пазарот во следните три години ќе се триплира, разбирлив е интересот на многу држави во светот да ги либерализираат законите и да овозможат производство на оваа билка.
Додека списокот на земји што ја препознаа оваа индустрија како пропулзивна, од ден на ден се проширува, во македонското општество се уште се негодува за ефектите од канабисот и преовладуваат конзервативните ставови околу ова прашање. Па дури и државните институции, не само што не се обидуваат да го променат негативниот имиџ за оваа индустрија што е со закон дозволена, се уште стравуваат да даваат информации поврзани со тоа.
БИРН од јули минатата година се обидуваше преку барања за пристап до информации од јавен карактер да ги добие копиите од сите одобренија за одгледување на канабис за медицински цели, но или не добивме никакви или пак добивавме нецелосни одговори.
За одговор на последните барања што ги испративме, се чека крајниот законски рок што истекува за десетина дена.
Кој стои зад бизнисот со канабис во Македонија
Првото одобрение за одгледување на канабис за медицински цели во Македонија е издадено во декември 2016 година и потпишано од тогашниот министер, Никола Тодоров, на компанијата НЈСК Холдинг. Прв сопственик на компанијата е Владимир Кесковски, син на поранешниот висок функционер во МВР, Златко Кесковски, кој пак се јавува како управител во фирмата.
Во февруари 2017 година, НЈСК Холдинг го менува сопственикот и нов газда станува фирмата Фаланкс Холдингс ЛЛЦ регистрирана во сојузната американска држава Делавер, каде што е загарантирана анонимноста на сопствениците. Документите од Централниот регистар покажуваат дека лани во неколку наврати се зголемувал капиталот на компанијата, а до март годинава, основната главнина на НЈСК Холдинг надминува 900 илјади долари.
„Вкупно девет компании стојат зад Фаланкс Холдингс ЛЛЦ“, ни објасни управителот на НЈСК Холдинг, Златко Кесковски, и додаде дека меѓу останатите американски инвеститори, има познати компании од Колорадо со големо искуство во овој бизнис.
Меѓутоа, имајќи предвид дека државата Делавер им овозможува на инвеститорите тајност на идентитетот, сепак, за сопственоста на оваа компанија во Македонија се шпекулира од нејзиното основање до денес.
„Ниту еден поранешен или сегашен функционер не е меѓу сопствениците. Газдите се Американци, а компанијата е регистрирана во Делавер не поради тајност на инвеститорите, туку поради пониските даноци“, одговори Кесковски.
НЈСК Холдинг има посадено канабис на површина од илјада квадрати, но билката се одгледува во затворени простории или според таканаречената in door технологија. Оваа компанија е засега единствена што инвестира и во сопствен капацитет за екстракција на масло од канабис, а целата инвестиција Кесковски ја проценува на околу 5,5 милиони долари.
Роднини на премиерот Заев меѓу најголемите инвеститори
Според премиерот, етички и со закон е дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви
Во април лани, издадено е второто одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на компанијата МАМ од Свети Николе.
Целиот текст прочитајте го на ПРИЗМА.