Повеќе од третина од децата на возраст од шест до осум години кои одат во второ одделение во државава имаат зголемена телесна тежина или дебелина. Од нив поголемиот број живеат надвор од Скопскиот регион. Докторите препорачуваат дека здравиот начин на исхрана и физичката активност од еден час дневно се клучни децата да имаат нормална телесна тежина.
Доктор Игор Спироски од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за МИА изјави дека, според нивните податоци, во 2016 година 36,1 отсто од сите деца од второ одделение (на возраст од шест до осум години) имале зголемена телесна тежина или дебелина, во 2017 година – 37,4 отсто, а во 2018 година – 36,9 отсто. Во 2016 година 17,9 отсто од децата на таа возраст биле дебели, во 2017 година – 16,9 отсто, а во 2018 година – 18,6 отсто.
Според податоците на Европската иницијатива на СЗО за следење на дебелината кај децата, од 2016 година, со која биле опфатени 40 земји, државава го зазема 10-тото место.
Според податоците од ИЈЗ, појасни тој, во 2016 година 32,9 отсто од женските деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 33,2 процента, а во 2018 година – 33 проценти. Во 2016 година 15,2 отсто од женските деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 13,1 отсто, а во 2018 година – 14,9 отсто.
Во 2016 година 39,4 отсто од машките деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 41,1 отсто, во 2018 година – 40,8 отсто. Во 2016 година 20,5 отсто од машките деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 20,2 отсто, а во 2018 – 22,2 отсто. Значи, кај машките деца има мало зголемување, а кај женските мало намалување на процентот.
– Поентата е дека има стагнација, но пак ќе речам, ние не треба да бидеме со тоа задоволни. Причините за зголемена телесна тежина и дебелина кај децата се начинот на живот, немањето доволно физичка активност, начинот на исхрана… Добро ги знаеме придобивките од здравиот начин на исхрана и од редовната физичка активност, вели д-р Спироски.
Тој им препорачува на родителите да ги советуваат своите деца согласно препораките за здрава исхрана.