Под влијание на серија на големи влажни воздушни бранови од запад и истите се поврзани со циклонски систем со центар над Џенова во нашата Република Македонија до самиот крај од оваа недела следува многу нестабилно време со чести и обилни врнежи од дожд кои локално ќе бидат проследени со појава на грмежи. Сето ова ќе биде проследено и со засилен до повремено силен ветер од јужен правец (повремено и локално со брзина од над 70 км/час). Процесите локално ќе бидат застапени во форма на невреме.
И во Скопје и околината до самиот крај од оваа недела времето ќе биде многу нестабилно со чести и обилни врнежи од дожд проследени со повремено засилен до силен ветер од јужен правец а можна е и појава на грмежи.
На многу места во Македонија ќе наврне големо количество на воден талог (над 50 литри дожд) а локално и над 80 литри дожд. Најмногу врнежи ќе имаме во западните предели каде тие ќе надминат 100 литри дожд а локално тие ќе надминат дури и 150/200 литри дожд до самиот крај од оваа недела. Токму поради ова расте можноста за зголемување на нивоата на реките и на езерата во нашата Македонија, а исто така можни се и локални поплавувања. Апелирам граѓаните поради ваквата ситуација да бидат крајно внимателни.
Особено внимателни да бидат возачите и да не се движат покрај водотеците.
Значително количество на дожд ќе наврне и во делови од Скопската котлина и тоа ќе надминува 30 литри дожд.
Што се однесува пак до температурите, и тоа поради изразеното јужно воздушно струње тие остануваат без промени во однос на оние температури кои ги имавме изминатите денови и тие ќе бидат натпросечно високи за ноември, вели Славчо Поповски во својата метео анализа.
