Македонија ја чека бурна политичка недела

Следната недела, од почеток до крај, ќе биде со набиена агенда од настани, кои се од интерес на јавноста, а нивниот исход ќе покаже како процесите важни за земјава ќе се одвиваат во иднина.

Последната недела од јуни, пред официјалниот почеток на летните одмори, ќе биде судбинска за понатамошните „реформски“ активности на Владата и пресудна за понатамошното функционирање на Специјалното јавно обвинителство.

На агендата за следната недела се:

  • 26 јуни – Иако е неработен ден, поради верскиот празник Рамазан-бајрам, в понеделник во земјава доаѓа еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, и ќе учествува на владината седница. Засега од Владата, иако беше најавено, не кажуваат дали седницата ќе биде отворена за јавноста и дали ќе се пренесува во живо на јавниот сервис МРТВ. Како што изјави оваа недела вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на еврокомесарот Хан ќе му биде предложен нацрт-план со мерките, активностите и со временските рамки за реформските приоритети.
  • 28 јуни – Закажно е рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година. Обвинението за случајот го поднесе Специјалното јавно обвинителство, а обвинети во т.н. случај „Шамари“, се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина други лица. Груевски в среда првпат треба да дојде во суд како лидер на опозициска партија.
  • 29 јуни – Врховниот суд ја закажа јавната седница на која треба да бидат разгледани и да се одлучува по жалбите на шестемина осудени на доживотни затворски казни во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро. Седницата, како што соопшти судот, ќе биде јавна, а ќе се одржи во големата сала на Врховниот суд.
  • 30 јуни – Истекува рокот на Специјалното јавно обвинителство за поднесување обвиненија за истрагите што ги отвори, а кои произлегуваат и се поврзани со прислушуваните разговори. Дел од медиумите пренесоа дека СЈО деновиве ќе поднесе обвиненија за десетина случаи. Специјалното јавно обвинителство изминатите две недели испрати покани до високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ осомничени во нивните случи, но само дел се појавија на распит. На распит за случајот „Талир“ не се појави лидерот на партијата, Груевски, а оние што дојдоа (Миле Јанакиески, Иво Котевски, Даниела Рангелова, Сашо Мијалков) побараа увид во доказите и дополнително време. Според Законот за кривична постапка, СЈО е должно да ги испраша осомничените пред да ги заврши истражните постапки и да поднесе обвиненија.

Извор: Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e