Стојка Иванова Антова, една од мајките кои ја доживејаа најголемата животна трагедија и загубија чедо во пожарот во Пулс, објави емотивно писмо до својата ќерка Ивона Антова, која трагично го загуби животот пред една година.
Денес, ќерко моја… повторно ќе дојдеме кај тебе.
Advertisement
Но овој пат нема да бидеме само ние.
Ќе дојдат и роднини, пријатели, другари, комшии…
Сите што те сакаа, сите што те паметат.
Advertisement
А кажи ми чедо…
зарем таму требаше да се собираме?
Нели се договоривме поинаку?
Прво на твојата дипломска…
па на свадба…
па да се радуваме на твојот живот.
А наместо тоа…
за само неколку минути во тоа проклето диско
ни го скршија животот засекогаш.
Ти отиде на забава…
насмеана, дотерана, среќна…
полна со живот и планови.
А тебе ни те вратија…
во ковчег.
Кажи ми чедо…
како мајка да продолжи да живее после тоа?
Знаеш ли колку ни е тешко, чедо мое?
Секој ден без тебе е се потежок.
Премногу недостасуваш.
Ние веќе не сме ние без тебе.
Како мајка да оди на гробот
на своето единствено дете?
Зарем не требаше да биде обратно?
Ти да ни палиш свеќи нам…
а не ние на тебе.
Ти требаше да живееш.
А ние, ако требаше, да бевме на твоето место…
па ти да ни доаѓаш.
Ти требаше да живееш.
Да се радуваш.
Да создадеш семејство.
Да ја живееш младоста.
А ние…
ако требаше…
ќе го дадевме и животот
само ти да останеше жива.
Денес правиме помен – една година без тебе.
Една година како дишеме, а не живееме.
Ни сама не знам како сум сеуште жива…
како постојам на овој свет без тебе.
Ова не е живот, ова е мачење.
Година во која дишеме…
но не живееме.
Година полна со солзи, празнина и болка
која не може да се опише со зборови.
Ни сама не знам како сеуште постојам на овој свет.
Бидејќи живот без тебе – не е живот.
Од зрно грашок те растевме.
Со љубов, со мака, со жртви.
Колку ноќи непреспиени…
колку грижи…
колку труд.
Само да пораснеш во човек.
И порасна.
Во прекрасна, добра, воспитана душа.
Во дете што помага на сите.
Во дете што никогаш не одминува човек без „добар ден“.
Во другар каков ретко се раѓа.
И токму такво дете…
ни го убија.
Ни го зедоа најмилото.
Ни го зедоа целиот живот.
Но слушни ме чедо мое…
Нема да се откажеме.
Ќе се бориме до последниот здив
за правдата.
Секој што има вина за твоето убиство ќе одговара пред законот.
Нека немаат мир ни спокој –
како што ние немаме откако те нема
Секој што мисли дека ќе се сокрие од вистината –
се лаже.
Правдата ќе излезе на виделина.
За тебе.
За сите невини деца.
А ти, ангелу на мајка…
почивај во мир.
Нека Бог ти ги отвори царските порти
и нека те чува меѓу ангелите.
Недостасуваш секоја секунда.
Недостасуваш со секој здив.
Наше најмило,
наша гордост,
наша болка засекогаш.
Недостасуваш бескрајно,
Ивонче наше…, напиша мајката.
