Локални избори 2025: Јавниот увид во Избирачкиот список завршува утре, до 13 септември се доставуваат кандидатските листи

Јавниот увид во податоците од Избирачкиот список за Локалните избори 2025 завршува утре на полноќ, а два дена подоцна на 13 септември на полноќ завршува рокот за доствување на листите за кандидати за градоначалници и за советници.

На 29 септември започнува изборната кампања за локалните избори закажани за 19 октомври. Ќе се гласа во 80 општини и Градот Скопје на 3480 избирачки места.

Граѓаните јавниот увид можат да го направат денеска до 20 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, додека утре на 11 септември, последен ден од рокот, службите на Комисијата ќе работат до полноќ.

Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на
подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Исто така граѓаните тоа може да го направат и на електронската пошта за поднесување на барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список: [email protected]. Со барањето се приложуваат и потребните докази, а обрасците можат да се пронајдат и на веб страната на ДИК (sec.mk).

Увид во Избирачкиот список им се овозможува и на затворениците. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, лицата во притвор или во затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК, од 23 август до 11 септември.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e