Лични напади и прашања неповрзани со извештајот на Специјалното обвинителство, ја натераа обвинителката Катица Јанева да ја напушти седницата на Советот на јавни обвинители која траеше повеќе од три часа.
„Навредите и прашањата кои се надвор од контекст и од извештајот, немам потреба да ги одговорам и затоа ја напуштив седницата. И самите членови на Советот на јавни обвинители исто така почнаа да ја напуштаат седницата бидејќи не го оправдуваа начинот на кој постапуваше господинот Зоран Сулејманов“, изјави Јанева по седницата на Советот.
Таа истакна дека се до излагањето на членот на Советот, Сулејманов, е задоволна од начинот на кој комуницирале со Советот на јавни обвинители.
„Апсолутно сум изненадена од нивната заинтересираност за работата на СЈО и се надевам дека ќе ја продлабочиме самата соработка. Решија дека ќе дојдат да не посетат во просториите на СЈО, каде согласно нивните овластувања ќе им бидат покажани и самите материјали, кои ги имаме“, додаде Јанева.
Седницата започна во 11 часот со кратка презентација на извештајот за работата на Специјалното обвинителство од страна на Јанева, по што членовите на Советот на јавни обвинители и поставуваа прашања и забелешки за работата на институцијата.
Јанева на состанокот побара поддршка од Советот за нејзиното барање да и се продолжи рокот на работа, бидејќи 18 месеци не се доволни за СЈО да го заврши преслушувањето на сите нелегални снимки.
Обвинителот Коле Штерјев, истакна дека се надева дека од колегите обвинители Јанева ќе ја добие поддршката за продолжување на рокот за нејзината работа.
Најмногу критики, но и лични коментари целосно неповрзани со извештајот на СЈО, до Јанева упати членот на Советот на јавни обвинители, Зоран Сулејманов.
Во една прилика додека говореше Јанева тој се крстеше, додека во друга и кажа дека го потсетувала на ситуации кога кај него доаѓале „неуки странки“.
Сулејманов најави дури 20 прашања за извештајот на Јанева, но откако некои од прашањата се претворија во лични напади, дел од членовите на Советот започнаа да ја напуштаат седницата, по што Јанева кажа дека и таа си оди.
СЈО има разговори за Шпион
Пред дуелот со Сулејманов, од членовите на Советот, Јанева доби забелешки и прашања во однос на финансиското работење, кадровската политика и совети за поефикасно работење.
Една од обвинителките ја праша зошто е воспоставена надлежност врз случајот „Шпион“ и дали истиот е поврзан со прислушувањето, на што Јанева одговори дека СЈО има разговори и тоа „многу разговори овој случај“.
„Ако успееме да ги преслушаме сите овие разговори од „Шпион“ се надевам ќе излеземе со сите факти и пред јавноста. Има повеќе лица кои се таргет, а се поврзани со „Шпион“ од обвинетите. За жал немаме соработка со јавното обвинителство кои не ни ги доставува сите материјали во списите, кои тие ги поседуваат“, рече Јанева.
Таа додаде дека случаите „Сопот“, „Монструм“ и „Нешковски“ се во предистражна постапка и додека не се донесат измените на Законот за заштита на сведоци, јавноста нема да може да види повеќе детали за овие случаи.
Бомбите се чуваат во четири сефови
Јанева истакна дека нелегално прислушуваните разговори кои се во СЈО, се чуваат според највисоки безбедносни стандарди и тие се наоѓаат во четири сефови. Клучевите од овие сефови ги има само таа и уште еден човек и не можат да бидат отклучени без присустноста на двајцата.
За поврзани вести продолжете надолу