Министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека за да не останат над 500.000 граѓани без електронски здравствени картички до крајот на годината, ќе мора да се распише тендер за избор на фирма која што ќе печати нови картички. Тој најави дека утре ќе има состанок со директорите на Фондот за здравствено осигурување на кој што ќе одлучат како да се реши овој проблем.
„Сакавме ова да го решиме така што ќе биде три во едно, односно лична карта, возачка и здравствена картичка во едно. Но, министерот за внатрешни ни кажа дека со возачката не е можно, а проверивме и со германската фирма по чија технологија се прават личните карти и ни рекоа дека може заедно личната карта и здравствена картичка, но не со возачката. Така што тоа ќе го направиме, но тоа ќе биде процес кој ќе трае наредните две до три години. Дотогаш ќе мора да печатиме нови картички”, рече Таравари.