Обвинителката Ленче Ристоска поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека ги користи сите институционални механизми кои и се на располагање и дек недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ.
„Јас ќе ги преземам сите институционални механизми кои ми се на располагање, бидејќи е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов и тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и за премиерот, како што е јавно објавено известување до Советот на јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави Ристоска.
Претходно таа побара и јавно извинување од премиерот Христијан Мицкоски поради навреди и дисквалификации.Советот на јавни обвинители веќе најави дека ќе ја разгледува иницијативата. Од Владата, пак, порачаа дека премиерот не ја споменал обвинителката.
Изјавата Ристоска ја даде по одложувањето на судскиот процес за предметот „Талир1“ за перење пари, којзнае кое по ред. Основниот кривичен суд овој предмет бескрајно го развлекув, а ниту еден од судиите кои го суделе, досега не е казнет од страна на Судскиот совет. Денеска имаше обид по шести пат одново да почне овој голем предмет, поради кој Никола Груевски не може да се врати во Македонија.
