Заменикот – министер за култура на Република Македонија, Владимир Лазовски до недела престојува во официјална посета на Црна Гора, на која ќе оствари средба со министерот за култура на Црна Гора, проф. м-р Јанко Љумовиќ. Ќе се разговара за континуитетот во соработката во областа на културата што се заснова на Програмата која е договорена помеѓу министерствата за култура на двете земји, а се однесува на периодот од 2016 до 2019 година.
Заменик – министерот за култура Лазовски ќе присуствува и на настапите на македонски театри на интернационални фестивали во Црна Гора, кои се одржуваат овие денови.
Театарот за деца и младинци од Скопје, на 6-тиот Интернационален фестивал на куклен театар во Подгорица вденеска ќе ја изведе претставата „Петар Пан“ во режија на Боњо Лунгов. На програма се претстави од Турција, Србија, Албанија, Кенија, Украина, од Црна Гора.
Театарот Комедија, пак, е дел од Монтенегро интернационалниот театарски фестивал кој се одржува во Цетиње, каде в сабота ќе ја изведе претставата „Трудна приказна“ од Благица Секулоска во режија на Лидија Дедовиќ од Црна Гора, која е уметнички директор на фестивалот. Учеството на театар Комедија е во рамки на нивниот заедничкиот проект со Зетски дом од Цетиње, „Кршење на традицијата“, кој предвидува и размена на проекти.