Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против лицето Б.А. (30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама” согласно член 247 од Кривичниот законик на Република Македонија. Пријавениот, во периодот од 18.05 до 23.08.2017 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти доведувал и одржувал во заблуда управители и вработени лица во вкупно седум правни лица, сите со седиште во Скопје. Пријавениот се претставувал лажно дека е вработен во невладина организација и во нејзино име врши нарачка и набавка на стоки. Б.А. ги навел оштетените да му ја испорачаат нарачаната трговска стока (суровински материјал за изведба на подови, противпожарни апарати, некои прехра н бени производи, тоалетна хартија и салфети). Покрај даденото ветување, тој не ја платил стоката со што се стекнал со противправна имотна корист, а на оштетените им нанел материјална штета во вкупен износ од 472.463 денари.