Кривичниот суд – Скопје денеска ќе ја објави пресудата за предметот „Меѓународен сојуз”, каде првообвинет се Бојан Јовановски – Боки 13 и уште четири други лица, меѓу кои и поранешната пратеничка Фросина Ременски.
-Од се досега изнесеното, неспорно се утврди дека кривичното дело не е сторено, бидејќи немало ни мотив ни идеја, единствено сме работеле да се оствари проектот. Му предлагам на судот одлуката да ја базира на докази и да се оттргне од шпекулации. Предлагам во целост да донесе ослободителна пресуда по обвенението и апелирам и молам на законита пресуда. Да не судат мојот лик и дело, да се судат доказите. Се чуствувам комплетно невин, истакна во завршните зборови Боки 13. Обвинети во овој случај се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на првообвинетиот Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ. Обвинетата Ременски се товари за кривично дело „помагање во делото измама”, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари”, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари” и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје”. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.