Владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски која утре треба да патува за Обединетите Арапски Емирати ќе биде минимална, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Заедно со него ќе патуваат и министерот за финансии, Фатмир Бесими со раководителот на секторот за меѓународни финансии, додека министерите за земјоделство и за транспорт и врски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски ќе одат без советниците од своите кабинети.
Од Кабинетот на премиерот ќе патува еден советник задолжен за организација и еден претставник од секторот за односи со јавност.
Владината делегација на Обединетите Арапски Емирати ќе ги претстави макроекономските политики, развојните цели на државата и ќе оствари средби со претставници на неколку фондови.