Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека владата препорачува менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинствата и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија.
„Новата методологија ќе обезбеди пониска цена за електрична енергија за домаќинствата кои се најпогодени од кризата“ рече Ковачевски.
Премиерот исто така соопшти дека се продолжуваат и програмата за енергетска сиромаштија, со која се субвенционираат домаќинствата корисници на електрична енергија, како и дека ќе продолжи субвенционирањето на цената на електричната енергија.
„Повикувам и апелирам сите многу сериозно да ја разбереме и личната и колективната одговорност во ова кризно време, да се однесуваме исклучително одговорно и воедно да ги користиме расположливите ресурси одговорно и многу внимателно. Штедењето и рационалното користење на енергенсите е она со кое сите ние заеднички ќе придонесеме за да го премостиме овој тежок период кој е пред нас“ рече Ковачевски.