Денес е повеќе од јасно дека Северна Македонија, Албанија и Србија со иницијативата Отворен Балкан, го направија вистинскиот чекор, во клучен момент, кажа премиерот Димитар Ковачевски на лидерскиот Самит „Отворен Балкан” во Белград.
-Добро е што на овој Самит разговараме за можностите за соработка и во областа на енергетиката. Постојат потенцијали за развој или рехабилитирање на интерконекциските врски, за зголемување на можностите за електроенергетска размена и за соработка во делот на изградба на фото напонски централи, ветерни паркови и централи за добивање на електрична енергија од биомаса и биогас. Предлагаме да се оствари соработка меѓу српската берза на електрична енергија и македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија (МЕМО), со цел да се подобрат условите за меѓугранична трговија со електрична енергија. А, во натамошниот период, треба да се интензивираат и активностите за реализација на гасната интерконекција со Република Србија.
Веќе потпишавме договор за соработката во заштитата од катастрофи за Западен Балкан, со цел доброволно обезбедување помош во случај на катастрофи, за да можат државите да си помагаат една на друга, согласно расположливите капацитети. Но, добро е што на овој Самит ќе потпишеме договор и за оперативен план за справувањето со катастрофи, со којшто ќе овозможиме олеснување на процедурите и скратување на времето потребно за распоредување помош, таму каде што е најпотребна и интензивирање на соработката во превенцијата и намалувањето на ризиците од катастрофи.
Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности меѓу трите држави ќе поттикнеме инвестиции во кинематографскиот и аудиовизуелниот сектор и ангажирање на уметници и филмски професионалци од Западен Балкан, со тоа што ќе го олесниме поврзувањето меѓу нив. Тоа ќе овозможи нови извори на финансирање на уметниците и културните работници.
Ова поврзување, исто како што го направивме тоа со вчерашниот саем за производителите на вино и производи од дестилација и за туристичките работници – овозможува окрупнување на нашата понуда кон европските и светските пазари, а со тоа и поголема конкурентност и реални шанси за придонес во организирањето на егзистенцијата на вработените и ангажираните граѓани, во различни области.
Ако секој поединечно правевме ваков саем тогаш тие саеми немаше ни да се одржат. Меѓутоа толкав број на излагачи на вино и дестилати на едно место е можно само доколку сите го направивме саемот заедно.
Иницијативата на Северна Македонија, Албанија и Србија, Отворен Балкан се покажа и функционална и европска!Ја развиваме низ политиката на отворени врати, особено за другите земји од Западен Балкан, како што се Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, со цел единствен пазар без граници и интеграција во Европската Унија, кажа Ковачевски.