Компанија со кривична пријава против службата за општи и заеднички работи на владата

Тендерот за одржување на владата вреден 11 милиони евра – пред истражните ограни. Компанијата Ландсервис поднесе кривична пријава против Службата за општи и заеднички работи и 7 компании, од кои 4 се на ист сопственик.

Кривичната се однесува на 11 милионскиот тендер кој фирмата Секјуриком го добила во 2015 година за одржување на Владата. Компанијата Ландсервис обвинува дека Службата за општи и заеднички работи ја исфрлила конкуренцијата, а огласот бил тенденциозно оформен со услови кои ги исполнува само една компанија во земјава. Според Компанијата која смета дека е оштетена, СОРЗ требало да го подели огласот и да не ги прифати фирмите кои не ги исполнуваат условите.

„Точно е дека поднесовме кривична пријава бидејќи сметаме дека се прекршени основните начела на тендерската постапка. Сметаме дека не е обезбедена никаква конкурентност и се сомневаме дека фирмите кои се анализирани дале лажни изјави“ – велат од Ландсервис. Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски во телефонска изјава за Тв 24 вели дека се е во ред со тендерот.

„Јас колку што знам тендерот си испадна добар. Си има нови луѓе таму, тие нека мислат. Јас со тоа немам ништо“. – вели Васе Доневски – поранешен директор на СОЗР

Актуелното раководство на СОЗР вели дека службата ќе соработува со сите истражни органи.

„Ако има нешто спротивно на законот, нека постапуваат истражните органи. Службата стои на располагање за сите информации. Сите документи што ќе ги побараат, ќе им бидат доставени“. – вели новиот директор на СОЗР, Пеце Мирчевски за Тв 24.

Ја контактиравме и компанијата Секјуриком. Велат дека повеќе од 17 години работат согласно законите.

„До сега до Секјуриком како компанија нема пристигнато кривична пријава од страна на Ландсервис. Секјуриком е австриска компанија, која во Македонија работи повеќе од 17 години согласно законите на Република Македонија. Она што можеме одговорно да потврдиме е дека на посочениот тендер учествувавме како Секјуриком, а тоа зошто не се пријавиле други компании за учество на тендерот, вклучувајќи ја и компанијата Ландсервис, не можеме да Ви одговориме“. – Секјуриком.

Секјуриком веќе 15 години е задолжена за хигиена и одржување на Владата. Минатата година, Призма објави истражување за тендерот кој го доби компанијата на австрискиот бизнисмен Волфганг Гампер според кое:

„Владата ѝ овозможила на „Секјуриком“ да се појави како три различни компании на тендерската анкета, само за да се создаде привид дека на пазарот има повеќе од пет фирми способни за обемни работи, сè со цел да не се дели тендерот и со тоа да се намалат шансите на помалите конкуренти“. Призма.

Според истражувањето, недоследностите се појавиле уште при анкетирањето на фирмите што придонело постапката да стане трка со еден натпреварувач. Нејасно е зошто ниту една од другите фирми, кои не се во сопственост на „Секјуриком“, не се јавила на тендерот.

Извор: 24ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e