Со силни емоции и јасна порака за правда, Јулија Златкова мајка на трагично загинатиот Томас Златков денеска пред почетокот на второто рочиште за пожарот во „Пулс“ упати остри критики до институциите и сите одговорни за трагедијата во која загинаа 63 млади луѓе.
Таа истакна дека со нетрпение се очекува обвинителниот акт за осомничените полициски службеници, за кои истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Мора да има правда за нашите убиени деца. Никогаш не треба да ги заборавиме овие деца, ако сакаме да имаме држава. Овие деца заслужуваат правда“, рече Златкова.
Разочарана од системот, таа праша кој му дозволил на сопственикот на локалот да го „задуши и убие“ нејзиниот син и останатите деца.
„Кој му помогна во тоа злосторство? Синот, братот, обезбедувањето, полицајците, градоначалниците, инспекторите од сите институции, министрите… Ова не е убиство, ова е геноцид“, изјави таа.
Златкова потенцира дека повеќе од осум месеци семејствата живеат во агонија, но дека првото рочиште донело мала искра на надеж поради воведниот говор на судијката.
Таа се осврна и на фактот што голем број од адвокатите на обвинетите се од Кочани, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за силно вмрежување и корупција во градот.
„Дали немате совест и емпатија кога ќе не погледнете нас, родителите на убиените деца? Нашите деца, чесни и скромни, ја платија цената на овој корумпиран систем“, порача мајката.
За својот син Томас, кој бил третата година на факултет – отсек Квалитет и безбедност на храна – рече дека сакал да биде инспектор и сигурно би работел совесно „а не како инспекторите кои денес седат на обвинителна клупа“.
Родителите, нагласи таа, бараат правдата конечно да добие имиња и презимиња и сите кои несовесно постапувале да одговараат пред законот.
Во Судницата во Идризово денеска, под силно полициско обезбедување, продолжи судењето за трагедијата во „Пулс“. На обвинителна клупа се 38 лица, кои треба да се изјаснат за вина и да ги дадат своите воведни зборови.
