Кој е газдата на „Рубикон“, која ја обезбедуваше „Пулс“ во Кочани?

За трагедијата во Кочани по вчерашниот старт на судењето се обвинети 36 и три правни лица, откако обвининето за Александар Нацев, вистинскиот газда на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, која ја обезбедуваше т.н. дискотека “Пулс“, се спои со главното.

На критичниот ден, тројца лиценцирани и еден нелиценциран вработен биле задолжени за обезбедување на објектот, без претходна безбедносна проценка, без проверка на сигурносните услови, излези и можности за евакуација. Објектот бил преполн, а не бил изготвен ниту доставен План за обезбедување за настан со поголем број посетители.

Дополнително, вработените не извршиле проверка на идентитет и возраст на посетителите, дозволувајќи влез на малолетници по полноќ. Не бил извршен ниту преглед на лица при влез, со што не бил спречен внесот на пиротехнички средства – директна причина за пожарот.

Истрагата покажала дека Нацев давал директни инструкции на обезбедувачите ангажирани критичната вечер. По трагедијата, тој основал нова агенција за обезбедување во Струмица, што обвинителството го смета за обид да ја продолжи дејноста, формално затскривајќи се зад друго одговорно лице.

Само неколку дена пред да биде поднесено првото обвинение, Фокус објави дека Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ е „тајниот сопственик“ и човек во позадина на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, за кого Обвинителството ја проширило истрагата за пожарот во Кочани. Повикани се неофицијални извори и документи од истрагата, според кои токму Нацев е реалниот сопственик и одговорно лице на агенцијата што ја обезбедувала дискотеката „Пулс“.

Кој е Нацев

Во периодот од 2015 до 2017 година, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ беше директор на Дирекцијата за класифицирани информации.

Тој е извршен директор на ЦБИ и декан на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот универзитет во Скопје.

Нацев е доктор на науки од областа на безбедноста од Институтот за одбрана, безбедност и мир во Скопје.

Работел и како дипломат во Мисијата на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел.

Го зборува англискиот и германскиот јазик, стои во неговата официјална биографија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e