Кој е Бојан Маричиќ, новиот министер за правда?

Од член на НВО-секторот до партиски предлог за министер за правда – вака накратко може да се опише политичката афирмација на Бојан Маричиќ, кого денови го делат од превземањето на ресорот на професорката Рената Дескоска.

Политички активен станува во 2016 година како претседател на невладината организација Меѓународен центар за европско образование, кога како поддржувач на „Шарената револуција“ зема и учество на голем број на ТВ-дебати на кои се отвораат полемики по кој правец треба да се движи земјата.

Неговата политичка верификација следува во 2017 кога во новата Влада беше назначен за посебен советник за евроатлански интеграции на премиерот Зоран Заев, по што активно се вклучува подоцна и во преговорите за постигнувањето на Преспанскиот договор.
По изготвувањето на Преспанскиот договор и неговото изгласување со двотретинско мнозинство во македонското Собрание, во 2018 започнува скрининг процесот со ЕУ а како главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим, Владата го назначи идниот министер за правда.
Пред точно една година Маричиќ ја заверува партиската функција во СДСМ. Назначен е за претседател на Комисија за европски прашања во владеачката партија. Тој е познат и како сопруг на поранешната пратеничка Маринела Маричиќ Тушева, која е член на УО на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

Студии завршил на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, по што продолжил со истите во Лондон и Амстердам. Потоа се враќа на УКИМ каде што кратко е асистент. Работел на проекти за француското министерство за внатрешни работи и во невладиниот сектор.

Најголем предизвик на новопечениот министер ќе му биде имплементирањето на измените на Законот за јавно обвинителство кој беа изгласани со двотретинско мнозинство во парламентот. Зоран Заев како мандатар на новата Влада веќе зацрта дека за новата Влада еден од приоритетите ќе биде воспоставување на принципот на владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните во судството.

Извор: Фактор

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e