Реформите во судството ќе почнат со формирање специјализирано одделение за предметите што ги води Специјалното обвинителство во Основниот суд Скопје 1. Владата ќе отвора дијалог во парламентот заради обезбедување двотретинско мнозинство за измена на законот за судови со која ќе се овозможи формирање на специјализирано одделение во судот за постапување по предметите кои се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Според нашите извори од Министерството за правда, каде што е работната група која ќе раководи со судските реформи од владиниот план 3-6-9, основањето специјално судско одделение ќе биде првата работа за која премиерот Зоран Заев и Владата ќе бараат широка поддршка од пратениците. Без обезбедување двотретинско мнозинство за измена на Законот за судови, ниту оваа, ниту останатите најбитни судски реформи, Заев нема да може да ги спроведе.
Една од поставените задачи во планот за судски реформи е да му се обезбедат сите законски предуслови на Специјалното обвинителство за да може да ги истера до крај судските постапки за кои во рокот од 18 месеци поднесе обвиненија. Реформите во судството мора да се спроведат за да се истера докрај борбата против високопрофилната корупција, за да може Македонија да се врати на колосекот на евроатлантските интеграции, е ставот на меѓународната заедница кој останува непроменет.