На денешната седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за финансирање на организирање и реконструкција на јавните површини во просторот на Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје за време на вонредна состојба согласно која се утврдуваат финансиски средства во висина од 78.000.000,00 денари за обезбедување на поефикасно функционирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за овозможување на укажување на здравствени услуги, пренесување и транспорт на пациенти заболени од заразната болест коронавирусот КОВИД-19 и непречено функционирање на останатите клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во услови на зголемен обем на работа за време на вонредна состојба.
Според Член 2 од оваа Уредба, финансиското учество на Владата на Република Северна Македонија е за трошоци за реконструкцијата на улици и тротоари, пробивањето на нови влезови, одвојување на автомобилскиот и пешачкиот сообраќај и непречено движење на интерхоспиталните и интервентните возила и возилата на Итна медицинска помош, докторите и пациентите на клиниката, како и расчистување на јавните површини на просторот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ Скопје.
Средствата утврдени со оваа Уредба Министерството за финансии ќе ги префрли на Град Скопје, кое ја реализира реконструкција на јавните површини во просторот на Клинички Центар „Мајка Тереза“ Скопје, во координација со Јавните претпријатија основани од Градот Скопје.
На оваа седница е донесена и Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, со која полагањето на испитот за советник за безбедност при превоз на опасните материи и на испитот за стручна оспособеност на возачите на моторни возила за превоз на опасни материи се одложува за време на траењето на вонредната состојба, и со која важноста на сертификатите за стручно оспособување на советник за безбедност при превоз на опасните материи и за стручна оспособеност на возачите на моторни возила за превоз на опасни материи чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траење на вонредната состојба.
На предлог на Министерство за транспорт и врски, на седницата е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај, согласно која полагањето на испитот за професионална компетентност на лице одговорно за превоз и на испитот за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен патен сообраќај се одложува за време на траењето на вонредната состојба, и со која важноста на сертификатите за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен патен сообраќај чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траење на вонредната состојба, информираат од владината прес-служба.