Ќе има ли поскапување? Престанува важноста на мерката за ограничување на маржите

Владината мерка за ограничување на цените и маржите, воведена пред рамазанските и велигденските празници, завршува денес.

Министерството за економија соопшти дека прво ќе ги анализира финалните резултати од мерката, пред да одлучи за следните чекори. Доколку се детектираат неправилности, најавуваат построги мерки.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, предупреди дека доколку Државниот пазарен инспекторат по завршувањето на мерката констатира отстапувања и нагло поскапување, ќе следуваат нови ограничувања на маржите за речиси сите производи, или пак, ќе се зголеми лимитот на постоечките маржи.

Според него, ограничувањето на маржите до 10 отсто дало резултати и довело до намалување на цените на храната и пијалаците. “Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека мерката дава резултати, односно во март имаме инфлација од 2,7 проценти, а споредено со февруари имаме дефлација за 1,3 проценти, во делот на храна и пијалаци. Истите информации покажуваат дека и овој месец цените во делот на храна и пијалаци се намалени, така што оваа мерка дава резултати.”

Дурмиши додаде: “Со Државниот пазарен инспекторат ќе бидеме на терен, ќе ги следиме цените ако има девијантно однесување од страна на маркетите или ако има енормно зголемување на цените нормално дека ќе одиме пак со нови мерки.” Тој најави дека ако трговците не се однесуваат соодветно и ги зголемуваат цените, ќе следуваат построги мерки од досегашните. “Ако сега се опфатени 102 групи на основни прехранбени и непрехранбени производи тоа значи дека ќе опфатиме уште повеќе групи. Со одлуката што ќе ја донесеме за ограничување на маржите, ќе ги опфатиме скоро сите производи што ги имаат синџирите на маркети или вредноста на ограничувањето на маржите ќе биде поголема”, рече Дурмиши.

Заменик министерот за економија, Марјан Ристески, вчера изјави дека досегашните податоци од Државниот завод за статистика укажуваат на позитивни резултати од воведувањето на мерката, но ќе ги почекаат конечните резултати кои ќе бидат достапни следната недела, за да донесат одлука за понатамошните чекори. “Ако има потреба би продолжиле со мерката, а ако нема тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените”, изјави Ристески.

“Се надевам”, додаде тој, “дека поучени од минатото сите учесници во синџирот на трговија веќе ја научија лекцијата дека пред се треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард. Сите заедно треба да направиме се за да го заштитиме стандардот на граѓаните и да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и цените кога нема економски прилики за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата.”

Од 20 март годинава, на предлог на Министерството за економија, се применува ограничена бруто профитна маржа на 102 групи производи и се утврдуваат највисоки цени на осум групи прехранбени производи.

Со измените на Законот за заштита на потрошувачи, кои стапија во сила на 18. месецов, трговците на мало се обврзани јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот.

Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се креира алатка за споредба на цените на производите. Министерството за економија смета дека е потребно да помине еден месец од примената на обврската за да се оценат резултатите, но не ја исклучува можноста за воведување општа веб-страница на која граѓаните ќе можат да ги проверуваат цените.

Се уште се анализира дали просечната потрошувачка кошничка, која ја подготвува Министерството за економија, ќе се однесува на тричлено или четиричлено семејство. Министерот изјави дека се дискутира на оваа тема, се анализираат сите податоци и ќе се консултираат сите претставници во работната група за да се донесе заеднички став. “Имаме драфт верзија на која се дикутира, а во наредниот период во најкраток рок ќе биде достапна за граѓаните, новинарите, синдикатите. Направивме многу добра просечна потрошувачка кошница со податоци од релевантите институции, ќе ги опфати сите граѓани, точно ќе биде прецизирано точно кои производи во кој временски период се трошат, а ќе биде прецизирано и од каде се земени цените – ќе се земат од повеќе трговци не само од два или три како што е во синдикалната кошница, ќе биде земе во предвид и колку членови на семејствата ќе се опфатат. Работиме во оваа насока, Работната група работи веќе два месеца работи, мислам дека идниот месец ќе го имаме документот, ќе биде разгледан првин од другите членови на Владата и кога ќе се утврди резперезентативност на синдикатите ќе се достави и до ЕСС, ќе се разгледа, ќе се гласа и ќе биде достапна за граѓаните”, изјави Дурмиши.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e