Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски вели дека нема да има промени во делот на цените на преносот и на дистрибуцијата на електричната енергија кои учествуваат во крајната цена на струјата.
До крајот на месецов или почетокот на следниот месец, РКЕ ќе ги соопшти цените за пренос и дистрибуција на електричната енергија.
– МЕПСО побара минимално зголемување од 0,67 проценти за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не побара зголемување, а Електродистрибуција нема наведено во своето барање имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија коишто имаат исклучително големо влијание врз цената на електричната енергија така што кон крајот на овој месец или почетокот на следниот ќе ги знаеме цените што ги определува РКЕ, а тоа се пренос и дистрибуција на електричната енергија и тука не верувам дека ќе има било какви поместувања. По завршување на тендерот за универзалниот снабдувач согласно новиот Закон за енергетика, ЕВН Хоум ќе ја соопшти новата цена за домаќинствата и за малите потрошувачи, вели Бислимоски, кој денеска присуствуваше на третата конференција на МАРЕС, посветена на структурирање на иднината на обновливата енергија.
