Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во интервју за „Локално“, меѓу другото зборуваше и за предложените измени на Законот за земјоделско земјиште.
„Би сакал веднаш да ги појасниме работите со цел правилно информирање на граѓаните. Ние како Министерство немаме намера, ниту можеме да им ги одземеме приватните земјоделски површини на граѓаните. Единствена наша цел е како секоја една педа земја да ја ставиме во функција за производство на храна. Анализите покажаа дека имаме околу 90.000 хектари земјоделско земјиште кое е во приватна сопственост, а кое стои така необработено. Ова земјиште поголем дел е и со добар квалитет, а истото не се користи во производство на храна. Сопствениците и сега имаат можност самите да го обработуваат земјиштето, да го дадат под закуп на друг да го обработува, а најчесто ова земјиште сопствениците решаваат да го продадат и истото од земјоделско да стане градежно земјиште.
Да повторам уште еднаш, наша цел е и овие земјоделски површини да ги ставиме во функција за производство на храна, на тој начин што повторно сопственикот ќе може сам да го обработува земјиштето, или пак со негова согласност државата преку јавен оглас ќе го даде под закуп, а притоа на сопственикот ќе му биде исплатена 80% од закупнината. Ние само оваа година распишавме седум јавни огласи, преку кои на располагање ставивме нови 13.000 хектари државно земјоделско земјиште, од кои најголем дел со немена за обработка на житни култури. Интересот кај земјоделците беше голем и рекорден и склучени се 1.944 договори за закуп на државно земјоделско земјиште. Ова значи дека само со овие огласи имаме обезбедно нови површини за обработка на житни култури и други долгогодишни насади, што значи дека ќе имаме и поголемо домашно производство на храна. Во таа насока е и овој концепт за ставање во функција на приватното земјоделско земјиште, да обезбедиме нови обработливи површини, да го зголемиме уште повеќе домашното производство пред сè од значајни култури, а со тоа пред сè да имаме долгорочно стабилно производство на храна, кое ги задоволува домашните потреби и ја намалува увозната зависност на државата од стратешки култури и производи.
Преку правилни политики и мерки, само за три години, успеавме јачменот од увозно зависна култура, да ја направиме култура која го задоволува домашното производство и забележува извоз. Тоа успеавме оваа година да го направиме и со сончогледот, каде повеќе од двојно го зголемивме приносот и ги задоволивме домашните потреби, а зголемување бележиме и кај пченицата. Очекувам овој концепт да биде прифатен од граѓаните, бидејќи со него никого не оштетуваме, туку напротив сакаме да го зголемиме домашното производство на храна и секоја една педа земја да ја ставиме во функција за обработка. Секако, ние во наредниот период уште повеќе ќе го презентираме пред нив и ќе ги запознаме со сите детали кои ги планираме, транспарентно и преку дебата, како што правиме за секоја една мерка која ја носиме.“, објасни Николовски.
Целото интервју можете да го прочитате на следниот ЛИНК.