Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за една телевизија, обвини дека членови на партијата се прислушувани во изминатиот период и дека во УБК е отворено досие под името „Македонски екстремизам и тероризам“. Тој истакна дека такви досиеја за урнисување на партијата се воделе во комунизмот и во деведесетите против ВМРО-ДПМНЕ, како што се случаите „Темел“ и „Сина птица“.
Од Министерството за внатрешни работи за ЦИВИЛ Медиа велат дека следењето на комуникациите во Министерството за внатрешни работи се врши во согласност со законските процедури, со наредба од суд преку Јавното обвинителство.
Оттаму потсетуваат дека во Собранието постојат две комисии чија функција е да вршат надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање (АР) и над примената на посебните истражни мерки (ПИМ).
Меѓутоа, останува отворено прашањето за кое не добивме одговор од МВР, како е можно лидер на партија да знае за досие на тајните служби?
Извор: Цивил