Министерот за здравство, Азир Алиу денеска најави дека се очекува Законот од заштита за пушење ќе се најде пред Владата на 24 март и очекува тој да биде целосно усвоен во рок од еден до еден и пол месец.
Иако првично беше најавено дека примената ќе започне од 1 март, рокот беше пролонгиран за да се усогласат барањата на угостителите и на тутунската индустрија.
Алиу вели дека имале неколку состаноци со сите заинтересирани страни и оти сите забелешки биле анализирани и од научна гледна точка и од аспект на економски, инфраструктурни, социјални, здравствени.
На новинарско прашање дали има некакви измени од првичното што беше понудено, во однос на барањата на угостителите, Алиу рече дека секоја анализа ако се прави доволно квалитетно и со стручни луѓе многу брзо се доаѓа до решение на проблемот.
Во однос на бројот на страните што треба да бидат отворени во објектот, дали станува збор за две или за три, Алиу рече дека според Светската здравствена организација има дефинирани услови за тоа каде треба да има чист воздух.
Вели дека направиле научна анализа како може и кои се максималните и минималните услови за да може просторот да се третира како простор за пушење или простор каде што не се дозволува пушење.
Заклучокот до кој дошле е дека со две отворени страни на терасите може да се дозволи пушење бидејќи, како што рече, просторот се проветрува доволно и со две отворени страни. Ова, додаде тој, е олеснување за угостителите кои поради градбата на објектите не можат да обезбедат три отворени страни.
„Само во Скопје имаме над 7 000 угостители коишто имаат тераси. Според структурата на градот и во другите градови, но уште еднаш напоменувам, посебно во Скопје, поголем дел од тие угостителски објекти се со таква инфраструктура што е невозможно да има три страни отворени. На пример, во аголни и така натаму, кои што од едната и од другата страна имате објекти што не можете да ги урнете за да имате три страни отворени“, додаде Алиу.
Доколку објектот има подвижен кров кој се отвора, Алиу рече дека и тоа ќе се третира како отворена површина која овозможува брзо чистење на воздухот.
Она што угостителските објекти ќе го добијат како најголем инфраструктурен зафат што ќе треба да го направат е да обезбедат влез што ќе биде физички одвоен од просторот каде што е дозволено пушењето. Целта е непушачите да имаат пристап до објектот без да бидат изложени на чад.
