Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и две други обвинети на денешното судско рочиште признаа вина во случајот „Дизајн“ за набавката на кинеските двокатни автобуси за ЈСП и веднаш добија пресуда. Двете обвинети кои заедно со ексминистерот признаа вина се гонеа како членови на Комисијата за јавна набавка која ја спровела набавката.
По признавањето, Судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани, изрече и пресуда. Како што потврдуваат од Основниот кривичен суд во Скопје, Јанакиески и двете обвинети добиле условни казни од по две години затвор кои нема да се извршат доколку во наредните пет години не сторат ново кривично дело.
„Обвинетите М.Ј., С.Ф.П. и Ј.Ј.А., обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в ст.1 од стариот Кривичен законик, беа огласени за виновни и осудени на условна осуда од 2 години затвор која нема да се реализира доколку обвинетите во следните 5 години не сторат ново кривично дело. Против пресудата странките имаат право на жалба до Апелациониот суд – Скопје“, велат од Кривичен.
Во случајот како уште еден член на тогашната Комисија обвинет е и актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој на денешното судско рочиште не рекол дека не го разбира обвинението и се изјаснил за невин, па за него судењето ќе продолжи со ново судско рочиште закажано за 28 март.
Случајот „Дизајн“ го отвори СЈО, а по згаснувањето премина во рацете на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое поднесе обвинение во јули минатата година.