Судењето против Стојанче Јовановски денеска продолжи со искази на сведоци и тензична расправа во судницата, при што сведокот Мартин Саздов изјави дека Ивана, од страв, повеќепати ги повлекувала пријавите за семејно насилство. Тој пред судот рече и дека по трагедијата што се случила „не му се живее“.
Одговарајќи на прашања од судијата и одбраната, Саздов тврдеше дека бил сведок на насилство, но дека институциите не реагирале како што очекувал. На прашање од адвокатот на Јовановски дали некогаш пријавил во полиција дека Ивана била тепана пред него, Саздов рече дека отишол во Полициската станица Пролет, но бил оттурнат.
„Отидов во Полициската станица Пролет, а тие ме избркаа. Ми рекоа: ‘Кој си ти да пријавуваш?’. Ме избркаа од станицата и не знаев што понатаму да правам“, рече сведокот.
Тој посочи дека, иако на еден од настаните присуствувала и полиција, тогаш не било поднесено пријавување бидејќи Ивана сакала, како што кажал, работата да се реши мирно.
Во текот на рочиштето дојде и до директно соочување меѓу поранешните пријатели Стојанче Јовановски и Мартин Саздов. Јовановски го праша сведокот дали заедно со Ивана правеле планови како таа да се ослободи од него, на што Саздов одговори потврдно. Но, тој ги негираше обвинувањата дека му „наместиле дрога“ или дека ја присилувал Ивана да користи наркотични средства и да дејствува против сопругот.
Саздов, пак, тврдеше дека Ивана му кажувала оти токму Јовановски ја присилувал да се дрогира додека ја тепал. Според неговиот исказ, таа му велела дека тоа го правела за „да си го врати дарот“. Тој негираше и каква било присила за интимни односи или снимања, додавајќи дека никогаш не ѝ сугерирал на Ивана да користи дрога.
Во судницата беа изнесени и наводи за меѓусебни комуникации и видеоматеријали. Јовановски тврдеше дека неговиот телефон бил спарен со телефонот на Ивана и дека бил запознаен со нивните разговори и планови. Саздов возврати дека би сакал тие докази да бидат приложени пред судот.
На прашања поврзани со претходни инциденти, меѓу кои и наводен напад со возило и спомнување оружје, Саздов негираше дека имало калашников, а рече и дека не пријавил одредени случувања бидејќи му било жал за Јовановски, кој, како што кажа, и онака имал доволно проблеми.
Пред обвинителството и судот, Саздов зборуваше и за, како што тврдеше, тешката материјална состојба во која се наоѓала Ивана. Тој рече дека таа се жалела оти Стојанче ѝ ги земал парите, дека немала средства ниту за храна за детето, ниту за кирија, па размислувала да бара уште една работа. Според него, Ивана сама се грижела за малолетната Катја, без финансиска поддршка од Јовановски.
„Не ѝ помагаше. Ивана сама се грижеше за Катја. Јас им купив јакни и на неа и на детето додека беа кај мајка ѝ, затоа што немаа. Не можеше ни до станот да си ги земе работите“, рече Саздов, додавајќи дека единствено што Стојанче ѝ купил на Катја била ташничка за ликовно.
Сведокот изнесе и сериозни обвинувања во врска со имотни прашања, тврдејќи дека Ивана му кажувала оти под притисок му го препишала својот дел од станот на Јовановски и дека се сомневала во фалсификувана документација со нејзин потпис. Според неговиот исказ, таа била загрижена дека може да остане на улица.
На прашање од судијата за условите во кои живеела, Саздов одговори дека Ивана очигледно немала стабилно место за живеење, иако ѝ било предложено да оди кај својата мајка или дури да се пресели кај неговото семејство. Тој рече и дека во последниот период односите на Ивана со нејзините родители се влошиле поради прашања поврзани со оставинската постапка по нејзиниот татко.
Дополнително, сведокот тврдеше дека и мајката на Ивана и мајката на Стојанче им носеле скришно храна на Ивана и на детето. Според неговите зборови, слушнал дека еднаш јадењето што мајката на Ивана го донела завршило во канта.
Саздов сведочеше и за наводни закани со видеа во контекст на бракоразводната постапка, како и за физичко насилство непосредно пред критичниот ден. Тој изјави дека кај Ивана видел модринки прикривани со пудра на лицето, вратот и нозете, како и црвенило, а таа му кажувала дека дел од повредите биле последица на туркање по скали и газење по стомакот.
„Барав да се врати во болница, но таа не сакаше. И доктор ми кажа дека лежела во болница поради повреди од удари“, рече сведокот.
На прашање зошто Ивана постојано се враќала кај Стојанче, Саздов одговори дека тоа го правела за да се обиде да си го врати својот дел од станот. Според него, таа му велела: „Мора да бидам добра со него за да ми го врати делот, немам друг избор“.
По исказот на Саздов, пред судот сведочеше и Ивана Белчева од Скопје, која кажа дека присуствувала на тепање што се случило на 19 декември во Ѓорче Петров. Таа опиша дека Јовановски најпрво ѝ удрил шлаканица на Ивана, по што таа и уште една жена застанале меѓу нив, а Белчева го зела детето Катја во прегратка за да го смири.
Според нејзиниот исказ, расправијата ескалирала кога Ивана почнала да се кара со друга жена што била присутна, по што Стојанче повторно ја нападнал со повеќе удари по главата и телото. Белчева рече дека веднаш повикала полиција и му посочила дека прави кривично дело.
„Му реков дека не смее да ја тепа сопругата. Тој ја зеде Катја, не ми одговори ништо, само ме гледаше заледено. Кога сфати дека викнав полиција, си замина со детето“, рече Белчева.
Таа додаде дека останала со Ивана и ѝ објаснувала како може да пријави семејно насилство, но, според неа, Ивана не покажала интерес да го пријави случајот и заедно со другата жена си заминала пред пристигнувањето на полицијата. Белчева, пак, дала изјава, по што бил составен записник.
