Изборот на претседател на Собранието се очекува да се одржи утре, велат за Телма извори од СДСМ, иако лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа на состанокот на Централниот совет на партијата седницата ја најави за денеска.
На функцијата треба да биде реизбран претседавачот и претседател на минатиот собраниски состав Талат Џафери, кој треба официјално да го закаже продолжението на конститутивната седница.
Со изборот на Џафери треба да биде и официјализирано мнозинството во Парламентот по склучениот договор за владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, а во која влегуваат партиите од коалицијата „Можеме“ и ДПА на Мендух Тачи. Според бројот, владејачкото мнозинството би имало 62 пратеници.
Очекувањата се дека предлогот за избор на Џафери за собраниски спикер ќе биде поднесен во Парламентот со потписи од 20 пратеници.
Претседателот на Собранието се избира со најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници.
По изборот, претседателот на Собранието во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Извор: Телма