Што се нарачувало на државна сметка во рестораните од страна на функционерите до неодамна важеше за личен или интерен податок. Јавноста и новинарите, и покрај многубројните обиди не можеа да дојдат до информациите како службените лица во министерствата ги трошеле буџетските пари за репрезентативни услуги.
Во последниов месец, по доаѓањето на новата власт, дел министерства ги отворија вратите за овој вид информации и ги декласифицираа истите, па се отвори можноста да се види како се трошеле буџетските пари од службените картички и што се плаќало преку фактури за јадење и за пиење.
БИРН на 5 мај годинава до Владата и до сите министерства ги побара трошоците што ги правеле министрите, замениците министри, државните секретари и останатите службени лица за ресторански и за угостителски услуги во 2016 година. Во законскиот рок од 30 дена ни одговорија од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кога поранешната министерка Марта Арсовска Томовска се уште беше на функција. Документите од МИОА впрочем беа и најпрецизни во однос на направените трошоци за ресторански и угостителски услуги, со детален преглед за тоа кој ги направил трошоците, во кој период и на кое место. На некои од останатите министерства им требаше подолго време за да ги сумираат податоците, дел воопшто не доставија одговори, а дел нè повикаа да извршиме увид.
Од засега добиените податоци од министерствата за информатичко општество, труд и социјална политика, надворешни работи и култура, најголеми трошоци по кафеани и ресторани лани има правено МНР, најверојатно поради фактот што преку ова министерството се остваруваат средбите со меѓународните делегации. Она што паѓа в очи е и фактот што секое министерство си имало омилена кафеана каде што се правеле и највисоките сметки.
МНР правело сметки од илјада евра месечно во една кафеана
Речиси 730 илјади денари, односно над 11.800 евра МНР потрошило во кафеаната „Стара куќа“ во 2016 година. Сметките што се правеле во оваа кафеана изнесуваат од 4 илјади денари па сè до 46 илјади денари за една вечера. Дел од овие сметки се правени и при посети на странски делегации, а за дел пак, на фактурата единствено стои дека угостителската услуга е направена од страна на тогашниот министер Никола Попоски. На некои фискални сметки што ги поседува БИРН може да се види дека во една прилика, на пример, биле нарачани 11 флаши вино „Александрија куве“ за речиси 200 евра. Вечерата чинела над 46 илјади денари.
Во ресторанот „Воденица“, пак, биле потрошени над 352 илјади денари односно 5.7 илјади евра за ручеци и вечери во 2016 година. Сметките изнесуваат од една илјада до 52 илјади денари, од кои највисоките цехови се правени при посети на странски делегации. И во останатите ресторани при посети на национални координатори од други држави или пак официјални делегации, за свечените ручеци и вечери се трошеле од 40 илјади до 60 илјади денари.
Само за ресторански услуги во голем број кафеани, МНР во 2016 година потрошило над 26 илјади евра.
Во бифето во ова министерство, пак, во минатата година биле потрошени дополнителни 50 илјади евра.
Од службената картичка, највисок износ за репрезентација потрошила тогашната заменичка на министерот Никола Попоски, Драгана Кипријановска. Од јануари до август 2016 година, таа потрошила 1,6 илјади евра, исто како нејзиниот наследник Илија Исајловски од септември до декември лани. Најмалку пари од службената картичка потрошил тогашниот министер Попоски, 1.4 илјади евра за една година.
Целото истражување на Мери Јордановска за “Призма” прочитајте го тука