Некои маркети не ја почитуваат одлуката за продажба на основните прехранбени продукти без ДДВ.
На социјалните мрежи се појавија бројни поплаки од граѓаните.
Екипата на ТВ21 денеска излезе на терен со инспекторите од Управата за јавни приходи кои извршија контрола во еден маркет, каде констатираа дека донесената одлука не е запазена.
Како што велат, ова е втор ден од инспекциите и е рано за информации околу текот на целиот контролен процес. Инспекторите се постојано на терен и ги повикуваат граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи, со цел да можат да делуваат што е можно побрзо.
Од УЈП велат дека висината на казната ќе биде одредена зависно од големината на објектот, бројот на вработените, месечните приходи и претходното поведение на објектот.
Со апел и министерот за економија Крешник Бектеши.
Вчера, на маркетот „КАМ“ му беше изречена казна поради тоа што од рафтовите ги тргна сите количини масло и ги услови потрошувачите дека ќе добијат гратис едно литро доколку направат сметка над 800 денари. Со реакција се јави и менаџментот на маркетот. Велат дека станува збор за акција која ја вовеле со добра намера во овие кризни времиња. Инаку, одлуката за укинувањето на ДДВ за основните прехранбени продукти стапи на сила вчера и ќе важи до 31 мај, но не е исклучена можноста и да продолжи уште некое време доколку економската криза во земјава не биде надмината.