Иницијативен одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски не собра храброст да ја понуди својата оставка

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ го поздравува потегот што претседателот Христијан Мицкоски, реши да го прекине молкот и неговото исчезнување и криење од јавноста.

„Жалиме што денес, после исполнувањето на вториот услов за оставка – неформирање влада, не собра храброст и демократски капацитет да ја понуди својата оставка пред членството на партијата. Членството најдобро знае дека единствен виновник што Зоран Заев по втор пат стана премиер е Христијан Мицкоски.

Додека “шпицен” кандидатот вчера го мачела дилемата дали да ја гледа синоќешната собраниска седница со пуканки или со чипс пред телевизор, членството на ВМРО-ДПМНЕ не може да се смири додека не најде одговор на прашањето “како можеше да се испушти ваква шанса”.

Одговорот е јасен. Човек што нема храброст да заземе став по ниедно прашање, човек што се крие на денот на избори и не им се заблагодарува на оние кои трчале за него, нема капацитет да го води ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот Мицкоски пред изборите тврдеше дека според навигацијата што ја имал и релевантните анкети, ВМРО-ДПМНЕ има огромна предност пред СДСМ. На изборите се виде дека или лажел, или немал харизма за да ја материјализира таа предност или едноставно се договорил и му ја подарил победата на Зоран Заев.

Што и да е, подеднакво е лошо и недозволиво за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа одговорност и вонреден конгрес мора да има. Најпосакувано сценарио на Зоран Заев е Мицкоски да продолжи да ја води партијата во нови порази и после секој пораз да прогласува победи и да наоѓа оправдувања за пропустите.

Тоа не е опција ни за членството, ни за Македонија. Потребно е силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе биде сериозна алтернатива и ќе го совлада Заев“, се вели во соопштението на иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e