Хидроаларм за поплави: Централна Македонија прва на удар

Новиот бран дожд што ја зафати земјата денеска ја турка Македонија во најризичната фаза од овој влажен ноември. Управата за хидрометеоролошки работи активираше хидроаларм за поплави за 26 и 27 ноември, со јасно предупредување дека заситената почва и новите интензивни врнежи можат брзо да ги подигнат речните водостоји и да предизвикаат локални излевања.

Според хидроалармот, речиси целата држава се наоѓа во зона на потенцијално опасни услови. Најголем ризик има во централниот и источниот дел: Куманово, Крива Паланка, Кочани, Штип, Берово и Делчево се во предупредувачка зона во која состојбата може нагло да се влоши ако врнежите добијат на интензитет. Скопје формално е означено како релативно стабилно, но веќе неколку дена бранот на Вардар од горниот тек се движи кон главниот град и населените места низводно, со ризик од локални излевања на потегот од Јурумлери до Зелениково.

Западниот и југозападниот дел на земјата, вклучително и Битола, Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, моментно се во категорија на мала опасност. Но токму таму, во сливот на Радика и притоките што се спуштаат од планините, експертите предупредуваат на можни одрони и свлечишта доколку дождот продолжи со исто темпо. Од УХМР уште минатата недела најавија дека обилните врнежи не носат само излевања на реките, туку и ризик за нестабилни падини и критични патни правци во западните делови на државата.

Состојбата на терен покажува дека предупредувањата не се само теорија. Минатата недела, по излевање на Пчиња кај село Стрновац во општина Старо Нагоричане, двајца граѓани со автомобил заглавија во надојдената вода и мораа да бидат извлечени од пожарникарите. Водостојот на реката таму за едно деноноќие порасна на околу трипати над ноемврискиот просек, што јасно ја покажува брзината со која системот „се полни“ кога дождот не запира.

Паралелно со тоа, УХМР пред неколку дена издаде жолто ниво на предупредување од поплави за целата територија, како прво ниво на аларм дека речните корита се веќе високи и дека секој дополнителен литар дожд побрзо се претвора во површинско истекување. Центарот за управување со кризи апелираше граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови, суводолници и поплавени површини и да ја следат состојбата преку официјални извори.

Сега, со повторно активиран хидроаларм и нови најавени врнежи, сликата е уште понапрегната. Речните сливови на Вардар, Брегалница, Пчиња, Струмица, Радика, Треска, Сатеска и Коселска веќе покажуваат тенденција на зголемување, а заситеното земјиште не може повеќе да ја впива водата како на почетокот на месецот. Тоа значи дека поголем дел од дождот директно завршува во реките, кои реагираат поагресивно и со побрз пораст на нивото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e