Македонија се наоѓа во како никогаш досега здравствена криза која за жал носи и човечки жртви и токму сега е најпотребно секој да помогне колку што може најмногу, а особено политичарите кои претендираат да дојдат на власт и со тоа да решаваат вакви и други проблеми и потреби на граѓаните. Но, очигледно некој работата ја сфаќа обратно и наместо да помага да се среди ситуацијата, само се критикува, се крева непотребна паника, се креираат и пласираат лажни вести и слични други работи преку кои многу повеќе се одмага отколку што се помага.
Примерно, Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, исто како и деновите претходно, и денеска сподели дел од својот песимизам за актуелната состојба. И на денешната негова прес-конференција повторно во центарот беше омаловажувањето на властите кои „имаат подочници“ од умор за да се справат со ситуацијата, кревањето паника дека лошото допрва доаѓа, но и неминовните закани дека кога ќе дошле на власт се ќе било поинаку, а фиктивно го убедуваат народот дека нудат помош за справување со корона-ситуацијата која не ја одмина ниту нашата земја! Заборавивме ли на 11-те години од нивното владеење?
„Генсек Јанушев – Лаже, омаловажува, крева паника и се заканува со тоа што ќе правеле кога еден ден ќе дошле на власт. Така помагале. Тие знаеле се. Ама власта не ги слушала. Кој не верува во нивната способност и мерки нека се сети што направија за 11 години власт кого Мицко и Јанушев беа советници и директори на власта и како го трошеа буџетот. Или во меѓувреме станаа многу паметни и способни?“ – прашува професорот Ѓорѓи Спасов откако Јанушев денеска обвини дека владата е неспремна, нестручна и неспособна.
Јанушев, функционерот кој е осомничен за криминал тежок 5 милиони за набавката на кинеските автобуси, во меѓувреме заедно со неговиот претседател Христијан Мицкоски, не сакаат да се оградат од криминалецот и почесен претседател на партијата, екс премиерот во бегство Никола Груевски, а секој нов ден за него и сопартијците како да е повод за нови политикански препукувања за собирање на ситни политички поени во време кога надлежните се борат за здравјето на луѓето.
Граѓаните ги научија на памет нивните помпезни лажни вести кои имаат за цел да внесат паника, вознемиреност и очај во секојдневието на луѓето, во и онака, напнатата ситуација поради светската пандемија. Додека Јанушев во штаб смислува „црни сценарија“ друг организира и менаџира со ситуацијата.
Во меѓувреме, неговиот колега од владејчаката СДСМ, генералниот секретар за социјалдемократите Љупчо Николовски и конкурент на Јанушев за изборите во третата изборна единица каде и двајцата се носители, ја замени партиската говорница со терен каде донира за оние на кои помошта во вакви околности им е најпотребна.
Тој деновиве донираше прехрамбени пакети до кризните општински штабови на Велес, Свети Николе и Лозово од каде понатака ќе бидат дистрибуирани до социјално ранливите семејства.
Дека хуманоста може да биде неприкосновена докажува уште една постапка на ген-секот на СДСМ. Наместо меден месец на монденско место, Николовски, заедно со својата „тазе“ сопруга дел од свадбените подароци ги донираа на Амбулантата за детска клиника во Скопје, за набавка на апарат пулсоксиметар што е клучен за респираторни инфекции и прв аларм за состојбата на децата. Вистинска донација во уште повистински момент, констатираше дел од јавноста.
Николовски и додека беше министер, две и пол години своите дневници ги донирал, а за тоа јавноста дозна дури откако на настанот во организација на СОС Детското село во Скопје доби признание за најголем индивидуален донатор за 2019 година.
Впрочем како што порача Николовски, кризата е тест за секое општество. Токму на овој тест паднаа многу функционери од ВМРО-ДПМНЕ со своето контрапродуктивно однесување за кое не еднаш јавноста порача доколку не помагаат, барем да не одмагаат. Но, се чини нивниот ген-сек Јанушев како да сака да биде број еден креатор на хаотичната атмосфера која ја стимулираат. Дали и тој и неговите сопартијци, по примерот, на „неповторливиот“ Груевски сакаат заплашен народ кој ќе може лесно да го крадат, лажат, заплашуваат и уценуваат додека луксузот царува во Белата палата?