Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција соопшти дека партијата поднела кривична пријава против гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
„Денеска поднесуваме нова кривична пријава против Трајко Славески, гувернер на Народната банка, за основано сомнение за сторено кривично дело – несовесно работење во службата, по член 353-в од Кривичниот законик. Постои основано сомнение дека со несовесно постапување предизвикал штета врз Буџетот и правниот поредок“, рече Димитријевиќ.
Тој наведе дека, според нивните информации, бил пробиен законскиот рок за предлог на вицегувернери, со што, како што кажа, било загрозено функционирањето на Народната банка.
Дополнително, посочи дека постојат индиции оти по истекот на мандатите на одредени лица им биле исплаќани плати за функции кои веќе не смееле да ги вршат, како и дека тие продолжиле да носат одлуки во Советот на Народната банка.
„Овие одлуки ги прави правно спорни и ништовни“, рече Димитријевиќ.
Од СДСМ побараа Обвинителството да ги испита наводите и да покрене постапка.
„Бараме Обвинителството да постапи, да ги испита сите наводи, да обезбеди докази и да покрене постапка. Ајде да видиме дали ќе постапува по закон или по налог“, рече Димитријевиќ.
