Груевски доби седум години затвор, Мијалков една година и три месеци, Камчев една година за „Плацови на Водно“

Основниот кривичен суд Скопје денеска ја изрече пресудата за случајот „Плацови на Водно“ во кој првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот е поранешниот премиер Никола Груевски. Суддот го прогласи виновен како и останатите обвинети- поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, братучед на Груевски, Ристо Новачевски-кум на екс премиерот, Ненад Јосифовиќ и Орце Камчев. За неговата мајка Ратка Куновска-Камчева обвинителството во завршните зборови се откажа од кривичен прогон поради застарување на делото.

Груевски доби 5 години за перење пари, а за противправно стекнување и прикривање на имот доби три или единствена казна зтвор од седум години, како и парична казна од 3.500 евра. Мијалков доби 15 месеци затвор за перење пари во кој се смета времето поминато во притвор, Новачевски доби условен затвор од две години, Јосифовиќ е осуден на условен затвор од две години, а Камчев доби една година затвор.

Отежнителни околности на обвинетите, според судот е дека станува збор за бизнис криминал, несекојдневност на случајот и вмешаност на премиер и дирктор на УБК, кои направиле криминал за да му овозможат на Груевски да стекне имот. Во прилог на тежината на пресудата одат и осудуваноста на Груевски и Мијалков, а олеснителна околност за останатите обвинети е што против нив не се водат кривични постапки, како и дека соработувале со Судот. Исто така, никој од нив не остварил имотна корист, а имале страв од положбата на премиерот.

Во случајот, обвинителството тврди дека Груевски со пари кои биле донација за ВМРО-ДПМНЕ прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал имот. Обвинението опфаќа плацови на Водно, станови во Скопје и земјиште во Крушево.

Во шемата на купување имот, според обвинителството, се вклучени и офшор фирми односно била искористена компанијата „Сирах лимитет“ од Белизе во сопственост на обвинетиот Јосифовиќ, и преку неа се отворила фирма-ќерка во Македонија, „Сирах Инженеринг“, за чиј управител бил назначен кумот на Груевски од првиот брак, обвинетиот Новачевски.

Новачевски, според обвинението, за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево. Обвинителката Лиле Стефанова побара максимална казна за Груевски, повисока казна за Мијалков во рамки на тоа што е предвидено со Кривичниот закон, условна за Новачевски зошто, како што рече, од самиот почеток јасно и недвосмислено зборувал како се одбивале работите без разлика дали го товараат него или не, а минимални за Камчев и Јосифовиќ. Груевски и Мијалков, пак, отфрлаа вина, а Камчев се покаја и побара ако треба, да одговара за поинакво дело.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e