Со субвенциите што ги даваат Град Скопје и некои други општини за купување печки на пелети, одреден процент граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој енергент. Субвенцијата изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката во Скопје не ги опфаќа домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење, анализира МИА.
Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелети дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти се движи од 12 до 16 денари за килограм, односно од 185 до 260 денари за 15 килограми. На интернет цената на пелетите се движи од 12.438 до 14.280 денари по тон. Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 5.500 денари или повеќе од 30.000 денари на годишно ниво за загревање површина од 60 квадратни метри.
Според проф. д-р Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), топлинските пумпи се греење на иднината, а секое користење електрична енергија за греење, порачува, е еколошки веројатно најчисто, бидејќи локално не загадува.
– Како еден од многу добрите еколошки системи електричната енергија ја нуди можноста за вградување на таканаречените топлински пумпи, а кај народот познати како клима-системи. Тоа е вентилаторски конвектор или топлинска пумпа што со користење на техничките достигнувања и законите што важат во природата – топлината однадвор со мала потрошувачка на енергија ја покачува на повиско ниво во внатрешноста. Стандардните поевтини производи од овој тип трошат еден киловат-час електрична енергија, а внатре во просторијата има загревање од минимум два, а нормално е да имаш три, а во некои случаи четири – пет, па и шест киловати, вели Димитров.
Тоа, додава, пластично значи да плаќате еден киловат-час електрична енергија, а добивате два или повеќе киловати. Со обичните греалки, пак, плаќате колку што трошите.
– Можеби е финансиско оптоварување да се вгради ваков систем, но на подолг рок инвестицијата се враќа, потенцира Димитров.