Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски соопшти дека денеска, во рамки на 16. работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа што се одржува во Будва, Црна Гора, потпишал Коминике со своите колеги од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.
Целта на Коминикето, како што наведува Николовски на својот фејсбук профил, е да се создаде регионална платформа за размена на информации и градење заеднички политики за заштита на почвите во Западен Балкан.
Предвидено е министрите да елаборираат за имплементација на ИПАРД програмата во земјите на Западен Балкан и за важноста на слободната трговија и обврските и мерките за слободно движење на земјоделските стоки, снабдувањето и резервите, со оглед на тековните геополитички случувања и влијанието на војната во Украина.
Оваа година во ноември Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора го презема претседателствувањето со Собранието на СВГ за следната годината и се стреми кон регионална соработка и интеграција во областа на земјоделството и руралниот развој на целиот регион на Западен Балкан.