Откако пропадна првиот предлог на Мицкоски за технички министер во МВР, поради тоа што предлогот беше спротивен на Уставот, лидерот на опозицијата денеска на прес конференција најави дека во текот на денот ќе предложи нов кандидат.
Според партиски извори, ВМРО-ДПМНЕ за оваа позиција ќе го предложи Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање.
СДСМ во 2016г на прес конференција го обвини тогашниот директор на Агенцијата за разузнавање дека не го пријавил во анкетниот лист својот луксузен стан од 90.000 евра.
“Во оваа зграда, во овој луксузен станбен објект стан вреден околу 90.000 евра има директорот на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев. Не ќе бевме овде ако директорот на Агенцијата за разузнавање не се обидел да го скрие станот, ако се земе предвид дека го нема во неговиот Анкетен лист. Еве го Анкетниот лист на овој висок функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, со денешен датум. Изваден е од Веб страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Станот на оваа адреса, Фрањо Клуз број 2, со површина од 63 метри квадратни во вредност од околу 90.000 евра, во Анкетниот лист го нема. Дека директорот на Агенцијата за разузнавање поседува стан во овој луксузен комплекс, со пазарна вредност од околу 90.000 евра, може да се види од овој Имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности. Еве, состојбата е со денешен датум, станот е во сопственост лично на Наќе Чулев. Чулев како директор на Агенцијата за разузнавање е должен да поднесе детален приказ на неговата имотна состојба во Антикорупциската комисија. Според законот, тој мора да пријави и секакви промени во имотната состојба во Антикорупциската комисија коишто ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати. Зошто досега високиот функционер од ВМРО-ДПМНЕ не го пријавил својот стан? Како директорот на Агенцијата за разузнавање си купил стан во луксузен комплекс? Груевски и соработниците можеби се поштедени од Антикорупциската комисија под нивна контрола. Но ќе бидат казнети на регуларните избори во декември, по што за сите злоупотреби ќе следува и одговорност.” – реагираа тогаш од СДСМ.
Според законот, директорот на Агенцијата за разузнавање морал да пријави во Антикорупциската комисија какви било промени во имотната состојба коишто ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати.