Почна да се распаѓа барокот на Владата, а не се поминати ни две години по изградбата на новата фасада, пренесува Макфакс. Како што можеше да се забележи денеска, се ронат столбовите од владината зграда, под кои се надѕира стиропор.
Реконструкцијата на надворешниот изглед на фасадата беше еден од најкритикуваните зафати во рамките на проектот „Скопје 2014“ за кој беа потрошени над 200 милиони евра.
Фасадирањето на владиниот објект траеше од 2013 до 2015 година и чинеше над 9 милиони евра. Станува збор за првата пообемна реконструкција на фасадата која била направена од самата изградба на објектот. Новата фасада беше правена според проектот на Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Бауер“. Според податоците од Бирото за јавни набавки, само идејното решение чинеше 3.300 евра.
Владата на својата интернет-страница спроведе онлајн-анкета, на која мнозинството граѓани изгласаа неокласична Влада, која беше понудена како едно од петте идејни решенија. Зад победникот застанаа 32 отсто од анкетираните, чие мислење владата го зеде предвид. Владата тогаш понуди пет идејни решенија за тоа како може да изгледа фасадата на „Илинденска“: грчко-римски, модерна, барокна, футуристичка или комбинација на модерно и рустично.