Република Северна Македонија ја доби новата влада предводена од старо-новиот премиер Зоран Заев. Владата вчера вечер ја доби поддршката од народните избраници, а денеска новите министри и министерки остварија официјална средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски.
„На премиерот Заев и членовите на Влада на Република Северна Македонија им посакувам успех и да ја оправдаат довербата дадена од граѓаните. Успешно да работат на клучните прашања за државата – европската интеграција, борба со корупцијата, зајакнување на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.“ – рече денеска Пендаровски.
„На крај на месец август, за почеток на работата на новиот состав со кој ќе се вложиме максимално преку лична посветеност и меѓусебна соработка и поддршка околу клучните прашања. Заедно со премиерот Заев и колегите од новиот владин состав ги пренесовме заложбите околу главните цели во следниот мандат.“ – порача Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција , одржлив развој и човечки ресурси.
„Храбрите победуваат! Затоа МОЖЕМЕ уште повеќе и уште подобро! Нека е со среќа и со енергија за конкретни резултати во интерес на граѓаните. Голема чест и одговорност е да се биде дел од тимот на премиерот Заев. Ќе успееме!“ – рече новиот министер за правда Бојан Маричиќ.
„Силни, отчетни и транспарентни институции – во служба на граѓаните. Квалитетно здравство достапно за сите. Според овие начела ќе се водам и во следниот мандат. На денешната средба со Претседателот Стево Пендаровски, ние министрите од новиот владин состав, се обврзавме дека ќе работиме тимски, одговорно и чесно за да го реализираме ветеното пред граѓаните кои ни ја дадоа довербата. Ќе работиме посветено и ќе ја движиме земјата напред, по правиот пат и во вистинската насока“ – порача Венко Филипче кој останува на позицијата министер за здравство.
„Имав чест и голема одговорност да ја предводам Владата во специфичен период, во којшто заедно се согласивме дека преодната Влада успешно одговори на предизвиците. Продолжуваме да работиме заедно во новата Влада, на граѓанските интереси и за доброто на државата, секој од нас според доверените должности.“ – порача Оливер Спасовски кој му ја предаде функцијата премиер на Заев.
„Денеска заедно со премиерот Зоран Заев и колегите од новиот владин состав присуствував на официјалната средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски, каде што ги потврдивме нашите заложби за продолжување на патот кон градење на напредна држава, економски стабилна, со еднакви можности за сите граѓани.
Составот на новата Влада на Република Северна Македонија на протоколарна средба кај претседателот, Стево Пендаровски.“ – порача Јагода Шахпаса, новата министерка за труд и социјала.
„Секој од нас денеска даде заложба за својот влог во нашата држава, заложба која во овој мандат ќе не држи отчетни пред граѓаните за нашата заедничка светла иднина и развој“ – дециден е Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.