Бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој изминативе два дена беше во официјална посета на Македонија и со премиерот Зоран Заев го потпишаа историскиот договор за добрососедство меѓу двете земји, се возеше со контроверзниот мерцедес од 600.000 евра што по желба на експремиерот Никола Груевски го набави ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пишува СДК.
Борисов вчера во рамките на официјалната посета се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Груевски. Неговата десничарска партија ГЕРБ и ВМРО-ДПМНЕ соработуваат како членки на Европската народна партија (ЕПП). Борисов средбата со Груевски ја најави на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот за добрососедство со Заев и коментирајќи ги критиките од ВМРО-ДПМНЕ за тоа рече дека „со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски кој е дел од Европската народна партија работевме многу на постигнување на Договорот меѓу двете земји и бевме многу блиску до потпишување“.
Борисов во луксузниот мерцедес од 600.000 евра се возеше како првиот странски лидер што доаѓа во официјална посета во мандатот на премиерот Заев.
„Со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски кој е дел од Европската народна партија работевме многу на постигнување на Договорот меѓу двете земји и бевме многу блиску до потпишување“, рече вчера Борисов. Но опозициската ВМРО-ДПМНЕ и по средбата на лидерот Груевски со Борисов остана на ставот дека нема да го поддржи договорот што треба да го ратификува Собранието
Мерцедесот што за потребите на Владата ги купило Министерството за внатрешни работи беше откриен од прислушуваните разговори во неколку муабети што ги правеле тогашната министерка Гордана Јанкулоска со тогашниот премиер Никола Груевски и со тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков.
Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение за набавката на мерцедесот, за кој има сомнежи дека бил нарачан според желбите на тогашниот премиер Никола Груевски. На 24 јануари, СЈО соопшти дека ја отворило истражната постапка „Тенк“, во која првоосомничена е ексминистерката Гордана Јанкулоска, а второосомничен еден службеник во МВР, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од февруари до октомври 2012 година, а „за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер“ за набавка на „специјално возило“.
Фото – СДК