Социјалистите и десната конзервативна и националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ немаат никакви идеолошки допирни точки, но очигледно и во политиката спротивностите се привлекуваат, со оглед дека овие две партии успешно соработуваат десетина години, особено во ресорот земјоделство, каде што политиките ги крои ДПМНЕ, а ги спроведува СПМ. Во време на длабока политичка криза, кога другите „помали“ партнери на ДПМНЕ се дистанцираат од поголемиот брат, Ѕинговите социјалисти не калкулираат и отворено стојат зад премиерот Груевски. Зошто – дали ваквиот став е принципиелен отпор кон, нели, мрачните сили, или е базиран на партиски, политички или на некој друг интерес?
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Иако никаде не се реткост таканаречени опортуни коалиции, кои немаат идеолошка врска, туку се темелат на една крупна и висока државна цел, или, пак, на гол лукративен интерес, сепак, долгогодишната соработка меѓу социјалистите на Љубисав Иванов – Ѕинго и десничарската конзервативна и националистичка ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски служи за карикирање и за илустрирање на апсурдноста врз која почива македонската политика и политичките односи.
Во време на длабока политичка криза, кога сите „помали“ коалициски партнери на Груевски отворено се дистанцираат од него или, пак, се повлекоа во длабока политичка сенка, чекајќи го епилогот од политичката разврска, единственото ГРОМ на Стевчо Јакимовски и Ѕинговите социјалисти безрезервно го поддржуваат поголемиот брат, со што покажуваат дека премиерот може целосно и до крај да смета на нив во оваа политичка војна.
Која е тајната за децениската речиси идилична љубов меѓу социјалистите и вмровците, двете политички опции со различна идеологија? Дали е тоа политичкиот и партискиот интерес на социјалистите, кои во рамките на оваа коалиција добиваат пратенички, министерски и директорски места? Или, пак, станува збор за штитење и остварување некои други интереси?
Како што е познато, газда Ѕинго и неговото семејство во политиката главно дејствуваат преку телевизијата Сител, која отворено ја поддржува актуелната влада, а таа, пак, ѝ „возвраќа“ со тоа што се рекламира, меѓу другите, и на овој ТВ канал. Исто така, кратовското семејство Иванови го контролира и управувачкиот пакет во моќниот Рударско-геолошки комбинат АД Силекс, гигант уште од времето на Југославија, кој и денес успешно и профитабилно функционера, соработувајќи и со државата.
НАСЛЕДНИЦИ НА АТРАКТИВЕН ИМОТ
Социјалистичката партија на Македонија, како што е дефинирано во нејзиниот партиски статут, е политичка партија со демократска социјалистичка ориентација, која ги продолжува револуционерно–политичките традиции на напредната социјалистичка мисла на Македонија и вредностите на социјалистичкото работничко движење. Патем, таа официјално се прогласува за наследник на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија. Па, како правен наследник на оваа најмасовна општествено-политичка организација во некогашна Југославија, македонските социјалисти автоматски го наследија имотот на ССРНМ.
Притоа, дефинитивно најатрактивна е деловната зграда во строгиот центар на Скопје, каде што всушност е сместено седиштето на партијата. Според Катастарот на недвижности, станува збор за објект од 1.550 квадратни метри сместен на улицата 11 Октомври, веднаш спроти Градската болница. Објектите, ако се има предвид официјалната намена, главно ги користат државни институции. Како што порано пишуваше „Фокус“, а катастарот и денес ги потврдува истите информации, СПМ поседува земјиште од над 500 квадратни метри на улицата Орце Николов, во близина на Соборниот храм, каде што се наоѓа деловна зграда од 210 квадратни метри, како и објект од над 500 квадратни метри во населбата Тафталиџе.
Колку за потсетување, Законот за финансирање политички партии дозволува партиите да поседуваат имот и простории, но не смеат да вршат комерцијална дејност и да остваруваат профит, туку само да го користат за свои партиски потреби или, пак, за издавање под закуп. Така, финансискиот извештај на Социјалистичката партија покажува дека во 2014 година остварила 73.000 евра приход од закуп, што е пораст во споредба со претходната 2013 година, кога во партијата влегле речиси 62.000 евра. Ако се имаат предвид податоците дека во 2012 година за кирија социјалистите наплатиле 49.000 , а во 2011 година 39.000 евра, тоа значи дека подолго време постои нагорен тренд во приливот на средства во партиската каса од кирии и закупнини.
Оттука, партијата ја зајакнала наплатата од закупците, ја зголемила висината на кириите или, пак, третата опција подразбира дека социјалистите дополнително го зголемиле партискиот имот. Ако се види билансот на состојба на партијата, во вкупната актива или вкупните средства, во ставката градежни објекти во 2013 година наведена е сума од нецели 975.000 евра, додека во следната 2014 година стои сума од речиси 2 милиони евра, што е двојно повеќе од претходната година. Како што ни изјавија од партијата, имотот не е зголемен, туку зголемени се кириите согласно пазарните услови.
Инаку, вреди да се напомене дека оваа партија можеби не остварува поголеми вкупни приходи од четирите најголеми партии, кои генерираат големи приливи на средства по основ на членарини и донации, како партии со бројно членство и многу спонзори. Но, дефинитивно може да се каже дека социјалистите им конкурираат според учеството на приходите од кирии и закупнини во структурата на вкупните приходи. Доколку вкупните приходи на партијата изнесувале 127.000 евра, тогаш простата математика говори оти повеќе од половина се од закупнини, кои, во секој случај, се пресудни партијата да постигне позитивно салдо (во претходната календарска година позитивата е 58.000 евра).
Целиот текст прочитајте го тука